Тројца полицајци и петмина цариници се меѓу десетте приведени лица во денешната полициска акција која се спроведувала во Куманово, Скопје и Тетово, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Деветмина се сомничат дека извршиле кривично дело криумчарење, а тројца од нив за неовластена трговија со прекурсори, а кај еден бил пронајден и одземен кокаин, соопшти МВР. Полицијата соопшти дека по насока од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, полицајци извршиле претрес на повеќе локации во Куманово и Скопје. Приведени се пет луѓе од Куманово на возраст од 35 до 43 години, потоа четворица од Скопје на возраст од 36 до 54 години и едно лице од Тетово на возраст од 36 години.
„Во текот на месец ноември 2021 година четворица од нив, меѓу кои два полициски службеници, во два наврата учествувале во неовластено пренесување заради продажба на прекурсори, од царинската испостава на Меѓународен аеродром Скопје до зелениот појас во близина на државната граница меѓу С. Македонија и Косово. Притоа, осомничените царински службеници постапиле спротивно на нивните службени надлежности и не извршиле соодветна контрола на стоката согласно декларираната“, стои во соопштението на МВР.
Осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје во текот на денешниот ден. Надлежниот обвинител предлага Судот да им изрече притвор.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски пред неколку денови во интервју за МИА рече дека годинава во делот на недозволената трговија со дрога биле преземени интензивни мерки и активности. Пресечени се некаде околу 16 меѓународни транспорти на марихуана и хашиш и сузбиени се пет криминални групи, рече Спасовски.