СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ распродаде 70 отсто од Славија и сега лаже

Илустрација

ВМРО-ДПМНЕ во своето владеење распродаде 70 отсто од имотот на АД Славија, а сега продолжува „да изнесува тешки лаги и дезинформации во врска со најавената продажба на акциите“ на ова претпријатие, реагира СДСМ преку соопштение.

„Со таквата распродажба на десетици дуќани и локали некогашни маркети на компанијата низ целата држава, ВМРО-ДПМНЕ дополнително ја обезвредни АД Славија, која е оптоварена со долгови, кон доверители и кон поранешните вработени“, се наведува во соопштението на СДСМ.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски претходно обвини дека власта сака да му ја продаде Славија на бизнисмен близок на семејството Заеви за само 218 илјади евра, иако имотот на фирмата вреди 100 пати повеќе.

Агенцијата за управување со одземен имот пред десетина дена објави оглас за продажба на акциите на АД Славија. Според огласот, се продаваат 98 отсто од акциите на компанијата за 218 илјади евра, односно по почетна цена од 51 евра за акција. Акциите се продаваат во пакет.

Според проценката од 2012 година, Славија вредела 25 милиони евра и имала долг од 17 милиони евра. Власта вели дека сега вреди многу помалку, зашто најголем дел од имотот е продаден од владата на ВМРО-ДПМНЕ, но признава дека нема направено нова проценка.