Во Тирана средба на Заев, Вучиќ и Рама во рамките на Отворен Балкан

неколку стотици луѓе се собраа во Тирана на демонстрации против иницијативата Отворен Балкан

Денеска во Палатата на бригадите во Тирана во рамките на регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ ќе се одржи официјалната средба меѓу премиерот Зоран Заев, претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама и членови на делегациите со претставници на Атлантскиот совет, на која ќе се разговара за Стратешкиот план за Отворен Балкан 2022 година. Потоа е предвидена церемонијата на потпишување трилатерални и билатерални договори, а ќе се одржи и Регионален форум за земјоделство и регионална соработка на кој ќе присуствуваат министри за земјоделство и рурален развој, ректори на универзитети и претставници од стопанските комори.

Заев, Вучиќ и Рама бараат поддршка од Берлин за „Отворен Балкан“

Во Тирана ќе бидат потпишани шест договори. Заев, Рама и Вучиќ ќе потпишат заеднички договор за услови за слободен пристап на пазарот на труд во Западен Балкан, како и договор за поврзување на шемите за електронска идентификација на граѓаните од Западен Балкан. Кога станува збор за формирање единствен пазар на труд, договорот би значел дека работната дозвола издадена во која било од овие три земји ќе важи за сите членки на иницијативата, Северна Македонија и Албанија и Србија.

Бериша повика на протест против „Отворен Балкан“ во понеделник

Синоќа за време на неформалната средба на заедничката вечера што албанскиот премиер Еди Рама ја приреди за Вучиќ и Заев во Елбасан, неколку стотици луѓе се собраа во Тирана на демонстрации против иницијативата Отворен Балкан и доаѓањето на српскиот претседател Александар Вучиќ во Албанија. По протестниот марш, демонстрантите се собраа пред седиштето на албанската влада. Протестот го повика поранешниот албански премиер и поранешен претседател на Демократската партија Сали Бериша. Бериша, кој Вучиќ го нарекува „Слободан Милошевиќ Јуниор“ и „Гебелс на Милошевиќ“, поради тоа што бил министер за информации за време на војната во Косово, е силен противник на иницијативата „Отворен Балкан“.