Македонскиот премиер Зоран Заев, премиерот на Албанија Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ во авторска статија за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, ја повикаа новата германска влада да ја поддржи иницијативата „Отворен Балкан“.
„Се надеваме дека новата влада во Германија ќе ја прифати и поддржи иницијативата Отворен Балкан како придонес за целосно спроведување на Берлинскиот процес, изјавија тројцата лидери“, а пренесува Дојче веле.
Во текстот тие истакнуваат дека Европа не е само континент, туку и визија, но оценија дека граѓаните на Западен Балкан „кои се значаен дел од континентот и таа визија“ предолго се исклучени и игнорирани.
„Желбата на нашите граѓани да бидат прифатени од членките на ЕУ беше попречена неколку пати- со внатрешните политики на земјите-членки, неостварувањето на ветувањата и стравот од иднината. Тоа доведе до разочарување, нестабилност, емиграција и отсуство на големи инвестиции. Како политички лидери на овие земји, можеме или да се жалиме – или да направиме нешто околу тоа. Се одлучивме за второто, се вели во текстот насловен „Перспектива за Балканот“, потпишан од Заев, Вучиќ и Рама.
- Отворено писмо на Заев, Вучиќ и Рама- ги покануваме соседите да се придружат на Отворен Балкан
- Отворен Балкан во практика никако да се отвори
Тројцата лидери во текстот потсетуваат дека во ноември 2019 година потпишаа прелиминарен договор за поддршка на Берлинскиот процес, со преземање одговорност за подлабока соработка во регионот. Лидерите објаснуваат дека иницијативата Отворен Балкан се покажала ефикасна и корисна за надминување на многу тешките времиња на пандемијата.
Изразувајќи надеж дека новата влада во Германија ќе ја прифати и поддржи иницијативата Отворен Балкан, тројцата лидери наведоа дека повеќе шефови на држави и влади на европските земји и владата на САД веќе ја изразиле својата поддршка, како и дека подршка дале претприемачите, земјоделците и студентите од целиот Западен Балкан.
Пред албанската влада во Тирана пак попладнево се одржува протест против иницијативата „Отворен Балкан“, организиран од албанската опозициска Демократска партија на поранешниот премиер Сали Бериша. Бериша пред неколку дена преку социјалните мрежи ги повика Албанците да дојдат на протестот, нарекувајќи ги национални протести насочени против, како што рече, „антиалбанското сценарио“.
Протестот се организира во пресрет на доаѓањето на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев како и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на состанокот на иницијативата за регионална соработка „Отворен Балкан“, што денеска и утре се одржува во Тирана.