Северна Македонија и Албанија се вклучени во грчката листа на безбедни трети земји за барателите на меѓународна заштита кои во Грција влегле нелегално преку границите со двете земји, соопштија од Министерството за миграција и азил на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Каталогот со безбедни трети земји се ажурира секоја година, а сега со заедничката министерска одлука потпишана од министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис и алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитадис Варвициотис, вклучени се и Северна Македонија и Албанија.
Министерската одлука, како што соопштија од надлежното Министерство, веќе е објавена во Службен весник на Грција и предвидува во сегашната листа да бидат вклучени и „Албанија и Северна Македонија, за барателите на меѓународна заштита кои илегално влегле на грчка територија од границата со Албанија или со Северна Македонија“.
Во однос на Турција не се направени никакви промени и и понатаму е безбедна трета земја за државјани на Бангладеш, Сомалија, Пакистан и Сирија.