Eвропската Комисија соопшти дека нацрт-законот за сопственост на странски медиуми усвоен во Полска претставува сериозен ризик за слободата на медиумите и плурализмот.
Пратениците на полскиот парламент на крајот на минатата недела усвоија предлог-закон со кој се заоструваат прописите за странска сопственост на медиумите, што особено влијае на работата на каналот „ТВН24“, кој е во сопственост на американската компанија „Дискавери“ .
„Со голема загриженост ги следиме последните случувања“, се вели во соопштението од Брисел.
Европската комисија потсетува дека ЕУ очекува од членките да се погрижат нивните политики и закони да не ја поткопаат заложбата за осигурување на слободен, независен и разновиден медиумски сектор, пренесува Ројтерс.
Предлог-законот што треба да го потпише претседателот Анджеј Дуда предизвика тензии меѓу Полска и САД.
Владејачката Партија на правото и правдата (ПиС) претходно изјави дека странските медиумски групи имаат преголема моќ и влијаат врз јавноста.