Лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски и иден премиер на средбата со евроамбасадорот Дејвид Гир порачал дека Владата предводена од СДСМ останува посветена на барање заедничко прифатливо решение, со Бугарија, согласно европските вредности.
„Има одредени сигнали од премиерот Петков и очекувам да дојдеме до решение. Нашите граѓани сакаат и заслужуваат да живеат по вредностите на стандардите и вредностите на ЕУ, затоа ќе се посветиме на реформите кои овие вредности ги носат во нашата држава“, изјави Ковачевски.
Ковачевски, како што се наведува во соопштението на СДСМ, се заблагодарил на постојаната поддршка од ЕУ и истакнал дека пред себе има поставено неколку приоритети во работата, како ефикасност на институциите, решавање на предизвиците со енергетската криза и пандемијата, реализација на економски реформи, неселективна борба против корупцијата и напредок на евро-интеграцискиот пат на државата.
Ковачевски истакнал дека идната Влада ќе биде составена од докажани, професионални и угледни личности. Според него, Владата ќе се фокусира на зелената агенда, унапредување на економскиот стандард и посветена борба против корупција.
Гир, според соопштението, посочил дека ЕУ ќе помогне да се дојде до заедничко прифатливо решение со Бугарија со цел Северна Македонија да ги започне преговорите за членство во блокот.