Министерката за образование и наука Мила Царовска изјави денеска дека донела одлука да не учествува во новата Владата со новиот мандатар.
„Во изминатите пет години заедно со мојот тим навистина испорачавме политики во интерес на граѓаните. Јас продолжувам да се борам и да се застапувам за истите вредности и за истите политики и навистина верувам во капацитетот и силата на државата, како и во силата на жените и младите“, рече Царовска во изјава за медиумите при посетата на Факултетот за земјоделски науки и храна.
Повлекување од министерската функција во новиот состав на Владата во петокот најави и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Се очекува наскоро новиот лидер на СДСМ Димитар Ковачевски да формира нова влада, откако ќе стане и мандатар по повлекувањето на премиерот Зоран Заев.
Во ресорот образование треба да биде назначен и нов заменик-министер откако оставка даде Арафат Шабани од движењето Беса. Заменик-министерот за образование ќе биде од редовите на Алтернатива. Партијата за тоа место го предложи Лулзим Алиу.
Царовска додаде дека тринеделниот зимскиот распуст ќе биде во редовниот период, согласно календарот на МОН и нема потреба од негово поместување зашто состојбата со Ковид-19 и натаму е стабилна.