Унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто на заедничката прес-конференција во Скопје со шефот на дипломатијата Бујар Османи изјави дека изостанувањето на започнување на преговорите со Севера Македонија е нечесен чекор од страна на ЕУ, бидејќи земјата направила се што е неопходно за да го отвори преговарачкиот процес.
„Ние бевме незадоволни и фрустрирани од заклучоците во Брисел во врска со проширувањето и сите тие одлуки ги сметаме за многу неправедни. Ако сакавме да бидеме чесни ќе требаше да кажеме уште во оваа година Северна Македонија и Албанија треба да започнат со преговорите. Со почит ги замолуваме нашите пријатели од Бугарија нивните национални прашања што ги сметаат како пречка да ги реализираат во текот на преговорите, а не со попречување на започнувањето на преговорите“, рече Сијарто.
Според него, нарушен е кредибилитетот на ЕУ, бидејки од една страна блокот признал дека земјата направила голем напредок, а од друга страна не ги започнала преговорите и таквата состојба, според него, е штетна, опасна и спротивна на принципите на ЕУ и по прашањата за безбедноста и по прашањата на економскиот развој.
„Унгарија бара преговорите со С Македонија и Албанија веднаш да започнат. ЕУ сега е пред историски предизвици и затоа би ни требало еден позитивен успех и сметаме дека проширувањето би значело успех за ЕУ и затоа Унгарија ќе прави се што е можно побрзо да започне проширувањето кон Западен Балкан“, рече тој.
Османи порача дека иако одлуките на Советот на ЕУ се носат со консензус се помалку граѓани имаат разбирање за тоа на каков начин и со какви аргументи се користи таа привилегија од земји-членки. Тој истакна дека несомнено е дека довербата во процесот на проширување е на најниско ниво, а тоа го загрозува кредибилитетот и на целата Унија и создава нови кризи во целиот регион.
„Но наша обврска не е да гледаме со разочарување на неуспесите, туку да ги следиме предизвиците и да нудиме решенија. Ние остануваме посветени на процесот на интеграција во Европската Унија, што преставува наш стратешки интерес и можам да ве уверам дека продолжуваме да работиме и со нашите соседи со несмалено темпо. Предалеку сме отидени во овој процес за да се откажуваме, но искрено, се надевам дека со новата политичка гарнитура, почнуваме и нов визионерски процес на доверба меѓу двете држави“, рече Османи.
Воедно Османи не очекува да се усвои преговарачка рамка, а да нема конкретен термин за одржување на меѓувладина конференција. Тој истакна дека сега се чека да се види ставот на новата политичка Влада во Бугарија.
„Сепак, досега комуникацијата беше со службената влада. Мораме да почекаме до првата средба, што премиерот Петков ја најави за јануари за да точно знаеме како понатаму со ова прашање. Нашите позиции се јасни, тие се утврдени и во Собранието преку консензус, меѓутоа и во ставот што Владата конзистентно го комуницира до Бугарија. Ќе видиме сега кој е ставот на новото бугарско раководство“, рече Османи.
Во однос на тоа дали веќе се работи на формирање на новите работни групи со Бугарија, Османи рече дека ставот на Петков за работни групи што ќе се фокусираат на теми од сегашноста и иднината се веќе предвидени како инструмент во Договорот за добрососедство од 2017.
Османи додаде и дека не се потребни брзи предвремени избори и дека државата има потреба од политичка стабилност и предвидливост. Тој очекува актуелното парламентарно мнозинство, кое како што рече, наредните денови треба да се формализира, да продолжи да работи до редовните избори во 2024 година.