Бугарскиот претседател Румен Радев најави дека во првата половина на јануари ќе го свика Консултативен совет за национална безбедност за темата Република Северна Македонија.
„Важно е да имаме став на ова политичко тело, за кој и партиите ќе имаат јасна позиција за тоа што треба да се направи за да се забрза процесот на интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ, но имајќи го предвид и почитувајќи го бугарскиот национален интерес“, изјави Радев по свеченоста на која Централната изборна комисија им ги врачи уверенијата на избраните претседател и потпретседател на Бугарија.
Бугарскиот премиер Кирил Петков рече дека има желба во првата половина на јануари да се сретне со новиот премиер на Северна Македонија. Тој предложил да има пет работни групи на двете земји и тоа за економија, инфраструктура, евроинтеграции, култура и историски прашања кои ќе се состануваат секој месец. Ако тоа биде направено, според Петков, во интензивен период од работењето може да бидат направени и компромиси од двете страни.