Бугарскиот премиер Кирил Петков во емисијата „120 минути“ на бТВ, рече дека има желба во првата половина на јануари да се сретне со новиот премиер на Северна Македонија. Како што јави дописникот на МИА од Софија, бугарскиот премиер предложил да има пет работни групи и тоа за економија, инфраструктура, евроинтеграции, култура и историски прашања. Предлага групите да се состануваат секој месец и ако е возможно средбите да не се истовремено, а секоја недела да има заседание на одделна група и да има работни резултати. Ако тоа биде направено, според Петков, во интензивен период од работењето може да бидат направени и компромиси од двете страни.
„Македонските граѓани со бугарско потекло треба да бидат заштитени од дискриминација и од говор на омраза. Исто така, треба да има и некој инструмент којшто ќе гарантира дека секој таков елемент на дискриминација, ќе биде оценет како неевропски“, нагласил Петков.
Според него, прво нешто што треба да се направи, е да се смени реториката и да има како што вели вистинска работа, а не политички слогани.
„Се разбира и од другата страна има црвени линии. Не можеме да ги занемариме фактите. Полесно е кога ќе видиме колку може да добиеме и од двете страни, да смислиме можности за нештата кои се прифатливи и за двете страни. Нема да отстапиме од нашите сериозни позиции, ќе можеме многу да добиеме заедно“, потенцираше Петков.
Новата бугарска влада предводена од Петков која минатата недела ја презема функцијата одлучи да остане на блокадата за македонскиот напредок во Европската унија и на последниот Совет за општи работи на ЕУ кој се одржа во Брисел во вторникот. Петков најави план за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија со кој би се формирале работни групи. Рокот кој првично го кажа бугарскиот премиер за надминување на проблемот е шест месеци.
Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во интервју за бугарската телевизија Нова емитувано денеска рече дека тоа што Бугарија сега има политичка Влада го отвора патот за пронаоѓање решение на спорот и одблокирање на патот на Северна Македонија кон Европската унија, нагласувајќи оти решение може да има веќе следниот месец. Тој смета дека рокот од шест месеци е долг.
„Потребно е да има сеопфатен пристап. Да, историјата е важна, но ние секој ден правиме историја, создаваме историја. Јас прифаќам само еден аргумент зошто досега не беше најдено решение, бидејќи немаше политички кабинет. Сега навистина нема причина да се даваат долги рокови, кога има политички кабинет. Има стабилно мнозинство во Република Бугарија и во Република Северна Македонија и можеме да седнеме уште од утре, да ги продолжиме разговорите и уште во јануари да има решение“, нагласи Османи.
Бугарија ја блокираше македонската европска интеграција лани, тогаш главно поради историски нерешени прашања, а со инсистирање Скопје да признае дека македонската нација не постоела до 1944 година, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот, дека двете земји имаат заедничка историја, а таа е бугарска. Првата блокада се случи за време на владата предводена од поранешниот премиер Бојко Борисов. Годинава кај источниот сосед се одржаа три циклуса парламентарни избори, а по првите два немаше можност за формирање на политичка влада во Софија. Со земјата осум месеци раководеше службена влада формирана од претседателот Румен Радев.
Во меѓувреме претседателот и службената влада почнаа помалку да ги истакнуваат историските нерешени прашања, а да инситираат на влегување на Бугарите во македонскиот Устав и на заштита од дискриминација и еднакви права на македонските граѓани со бугарска самосвест