Независна група лекари го прегледаa затворениот поранешен грузиски претседател Михаил Саакашвили и утврдиja дека неговото здравје е сериозно загрозено како резултат на „тортура“ и малтретирање што тој наводно го доживеал по неговото апсење на почетокот на октомври.
Лекарите на 18 декември соопштија дека кај педесет и три годишниот Саакашвили се развиле неколку невролошки состојби „како резултат на тортура, малтретирање, несоодветна медицинска нега и продолжен штрајк со глад“.
Психијатарката Маријам Јишкарани, членка на групата, за агенцијата Франс Прес изјави дека здравствените проблеми се резултат на „психолошката тортура врз Саакашвили во затвор, што може да доведе до негова онеспособеност доколку не му се пружи соодветна медицинска нега“. Таа додаде дека му била давана и погрешна терапија. Прегледот од групата лекари го организираше невладина организација.
Самиот Саакашвили,пак, изјави дека бил подложен на смртни закани, лишување од сон и физичко малтретирање додека бил во притвор. Минатата недела грузискиот државен инспекторат објави дека отворил истрага за наводите на Саакашвили.
Невладината организација Амнести интернешнал рече дека третманот на Саакашвили „не е само селективна правда, туку очигледна политичка одмазда“, а американскиот Стејт Департмент побара од грузиската влада „да се однесува фер и достоинствено кон Саакашвили“.
Саакашвили беше претседател на Грузија од 2004 до 2013 година. Тој беше уапсен веднаш по враќањето во Грузија од егзилот во Украина. Штрајкуваше со глад 50 дена во знак на протест поради пресудите против него за злоупотреба на функцијата, за кои вели дека биле политички мотивирани.
Неговото апсење доаѓа во време на политичка криза до која дојде по спорните парламентарни избори во 2020 година. По нив се случија и најголемите антивладини протести во Грузија во последната деценија.