Швајцарија го екстрадираше рускиот бизнисмен поврзан со Кремљ Владислав Кљушин во Соединетите Американски Држави каде што се соочува со обвиненија за инсајдерско тргување и тргување со доверливи информации за американските компании, објавија швајцарските власти на 18 декември.
Кљушин е сопственик руската компанија М13 која нуди услуги за следење на медиуми и за сајбер-безбедност. Тој е обвинет во Соединетите Држави дека заработил десетици милиони долари со соучесници тргувајќи со инсајдерски хакирани доверливи информации за американски компании. Бизнисменот беше уапсен во Швајцарија во март по барање на САД.
Русија денеска соопшти дека е длабоко разочарана од швајцарската одлука да го екстрадира Кљушин.
„Принудени сме да кажеме дека се соочуваме со уште една епизода од ловот на Вашингтон на руски државјани во трети земји“, го цитира новинската агенција ТАСС Владимир Хохлов, портпарол на руската амбасада во Швајцарија.
Според руските опозициски медиуми Кљушин е близок со Алексеј Громов, заменик началник во кабинетот на рускиот претседател Владимир Путин. На интернет страницата на компанија М13 се наведува дека нивните услуги ги користат руската претседателска администрација и владата.
Кљушин тврди дека бил жртва на политичка кампања на САД за негово гонење под лажни обвиненија, што швајцарскиот суд го отфрли како неосновано. Екстрадицијата на Кљушин во Соединетите Држави беше одобрена во јуни, откако швајцарската Федерална канцеларија за правда претходно го одби руското барање за екстрадиција на Кљушин во Москва за да му се суди таму.
Соединетите Американски Држави воспоставија санкции кон Русија во април годинава поради мешање во претседателските избори во САД во 2020 година, хакирање и поддршка на проруските сепаратисти во Украина.