Рускиот суд му изрече тригодишна условна казна на Јуриј Жданов, таткото на Иван Жданов, близок соработник на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални поради корупција, случај кој критичарите велат дека е политички мотивиран.
Жданов, кој помина неколку месеци во истражен затвор, по изрекувањето на пресудата е ослободен од притвор, објави на 19 декември на Твитер неговиот адвокат Владимир Воронин.
Oбвинителите побараа шеесет и седум годишниот Жданов да биде осуден на три години затвор под обвинение за измама и фалсификување. Жданов ги отфрли обвиненијата. Тој беше уапсен кон крајот на март и му се судеше во рускиот арктички град Нарјан-Мар во октомври.
Синот на осудениот Жданов Иван е поранешен шеф на Антикорупциската фондација на Навални. Тој ја обвини претседателската администрација на Русија дека се обидува да изврши притисок врз него со апсење на неговиот татко.
Јуриј Жданов е обвинет дека и препорачал на градската управа во Нарјан-Мар каде што работел како службеник до пензионирањето минатата година, да и обезбеди субвенциониран стан на локална жена иако подоцна се покажало дека семејството на жената претходно добило станови. Станот подоцна е вратен во општинска сопственост согласно судска одлука и никој од оние што ја донеле одлуката не одговарал.