Републиканскиот сенатор Риш- Русија се обидува да создаде изговор за војна

Републикански сенатор Џим Риш

Републикански сенатор во Комитетот за надворешни односи на Сенатот на Соединетите Американски Држави вели дека безбедносните предлози што Москва ги изнесе за намалување на тензиите предизвикани од трупањето руски војници во близина на границата со Украина се јасен знак дека Русија „се обидува да создаде изговор за војна“.

Сенаторот Џим Риш вчера рече дека предлозите на Русија не се договори за безбедносни прашања, туку список на отстапки што САД и НАТО мора да ги направат за да го смират рускиот претседател Владимир Путин. Предлозите, изнесени на 17 декември од руското Министерство за надворешни работи, повикуваат на крај на проширувањето на НАТО кон исток и ограничувања на воената активност на Алијансата во Источна Европа.

Риш вели дека Русија ги поставила тие барања целосно знаејќи дека е невозможно да се прифатат.

„Путин знае дека Соединетите Држави и нашите 29 сојузници во НАТО не преговараат и нема да преговараат за иднината на суверените нации, како Украина, кои мора да бидат способни да направат свој избор“, вели Риш.

Тој побара од администрацијата на американскиот претседател Бајден и сите сојузници во НАТО да ги отфрлат барањата, но рече дека алијансата треба да биде подготвена Путин да го искористи одбивањето како изговор за употреба на воена сила.