Граѓани се собраа денеска пред зградата на српската влада во Белград на протест против намерата на меѓународната рударска компанија Рио Тинто да отвори рудник за литиум во источна Србија. Тие го блокираа сообраќајот на улици во центарот на српскиот главен град.
Организатор на протестот е движењето Еколошко востание, а главното барање е да се поништат сите документи кои досега се потпишани со Рио Тинто со што и формално правно компанијата би се „избркала“ од Србија, јавува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Насобраните побараа и прекин на сите прекршочни и кривични постапки против граѓаните кои учествуваа во блокадите на патиштата во последните недели и гонење на сите одговорни за насилството врз демонстрантите.
Демонстрантите носат знамиња на Еколошкото востание и транспаренти на кои пишува „Стоп за инвеститорите, спаси ја природата“, „Синдикатите на блокади“ и други.
Познатата актерка Светлана Бојковиќ во обраќањето пред насобраните рече дека протестите мора да продолжат бидејќи се работи за нивниот опстанок и здравје. Таа ја цитираше песната од популарната серија „Подобар живот“ од крајот на осумдесеттите години во која играше една од главните улоги.
„Има уште еден стих во песната за „Подобар живот“ кој често се прескокнува. Тој стих е затоа што животот бара подобри луѓе. Тоа е важно. Нема запирање, се работи за нашиот опстанок, нашиот живот, нашето здравје - вода, воздух и земја“ рече Бојковиќ.
Во текот на изминатиот месец во Србија беа организирани масовни блокади на патиштата на повеќе од 50 локации поради незадоволство од проектот на Рио Тинто, како и од контроверзните закони за експропријација на земјиште и референдум, по што законот за експропријација беше повлечен.