Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерите на Северна Македонија и Албанија Зоран Заев и Еди Рама, испратија отворено писмо за Западен Балкан, кое го објави подгоричкиот весник „Дан“, а го пренесува МИА.
Во писмото на претставниците на трите држави од Западен Балкан се наведува дека желбата на народот да биде прифатен од членките на ЕУ „повторно и повторно била попречена од внатрешните политики на земјите-членки, неисполнување на дадените ветувања и стравот од иднината“. Тројцата лидери заклучуваат дека тоа резултирало со разочарување, нестабилност, иселување и недостаток на големи инвестиции.
„Ние, како лидери на нашите земји, можеме да одлучиме да се жалиме на тоа, или можеме да одлучиме да направиме нешто во врска со тоа. Ние го избравме второто. Во ноември 2019 година потпишавме прелиминарен договор за стимулирање на таканаречениот Берлински процес, така што во свои раце ја презедовме подлабоката регионална соработка“, се додава во писмото.
Тројцата политичари посочуваат дека нивната визија е да се надминат социјалните, економските и трговските бариери кои го забавуваат економскиот раст во целиот регион, со имплементација на четирите европски слободи во земјите. Иако иницијативата Отворен Балкан досега ги вклучува само Србија, Албанија и Северна Македонија, потписниците посочуваат дека таа била и ќе биде отворена за сите членки на Западен Балкан и уште еднаш ги покануваат сите соседи да се придружат.
Исто така, се нагласува дека, иако „често биле казнувани како „буриња барут“ во Европа“, како „одговорни лидери тие не можат да дозволат регионот да се повлече во кошмарите од минатото додека ЕУ не биде во можност да стори повеќе за проширувањето во овој стадиум”.
„Имаме свои разлики, не се согласуваме за некои политички прашања – но сите се согласуваме дека економијата и четирите европски слободи се начин да му понудиме на нашиот регион надеж и траен мир“, се потенцира во писмото, во кое се додава дека „Отворениот Балкан не е утешна награда наместо членство во ЕУ, туку, напротив, голем чекор кон тоа“.
- Заев изненаден од ставот на Пендаровски за „Отворен Балкан“
- Пендаровски: Ова не личи на Заев, се сомневам дека му е сугерирано
Потписниците посочуваат дека повеќе европски лидери и американската администрација веќе ја поддржале иницијативата и ја повикаа целата Европска унија да даде поддршка и да ги охрабри другите балкански земји да се приклучат.
Инаку во понеделник и вторник во Тирана ќе се одржи седмиот состанок на иницијативата „Отворен Балкан“, на кој е најавено присуство на македонскиот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ, а домаќин е албанскиот премиер Еди Рама.