Може да се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да преземе чекори за олеснување на дијалогот меѓу Софија и Скопје, да преземе иницијатива за придвижување на работите, изјави во интервју за „360 степени“, францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер.
„Мислам дека наредното ваше прашање ќе биде – за што се работи попрецизно всушност, но јас би останал дискретен, бидејќи најважно е да бидеме ефикасни, да имаме активности што ќе овозможат деблокада на процесот и да се постигне тој резултат, којшто сите денес го посакуваат, а тоа е решавање на состојбата што е можно побрзо за да се почнат преговорите за членство во ЕУ. Тоа значи дека не се наоѓаме во фаза на јавна комуникација, туку во фаза на мобилизација, а за да се зголемат шансите за успех понекогаш треба да бидеме многу дискретни, затоа што најважно е да бидеме убедливи и да имаме рационален пристап којшто на крајот ќе ни го донесе посакуваниот резултат“, вели Бомгартнер.
- Груби - Постои француска иницијатива за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија
- Бугарското МНР нема информации за француска иницијатива за спорот со С.Македонија
Во однос на јазикот, нагласи дека во Северна Македонија се зборува на македонски јазик и оти тој нема никакви дилеми во врска со тоа.
„Никој не ќе може да им наметне на двете земји да усвојат нешто што нема да им одговара и што ќе бара поместување од црвените линии. Во рамки на тие параметри треба да се напредува, да се изнајде решение, а откако ќе се постигне тоа, ќе треба да се договориме за Преговарачката рамка, која ќе овозможи отворање на преговорите за членство, без одолговлекување“, нагласи Бомгартнер.
Франција од први јануари го презема претседавањето со ЕУ, а Бомгартнер вели дека јуни е крајниот рок, но сепак целта е преговорите со Северна Македонија да почнат порано. Потсетувајќи дека во Франција ќе има претседателски избори во април и парламентарни во почетокот на јуни, напомена дека можностите за дејствување на Париз за време на изборите ќе бидат огранични, бидејќи „ќе се најдеме во период во кој сме обврзани на резервираност“.
„Советот за општи работи на ЕУ донесе нови заклучоци за отворање на преговорите колку што е можно побрзо. Јас сум убеден дека отворањето на преговорите ќе се случи, но прашањето е кога, односно кога ќе се постигне тој резултат. Пораката што беше дадена за време на Советот е – колку што е можно побрзо, толку подобро“, изјави Бомгартнер, кој говореше и за самит ЕУ-Западен Балкан, кој го најави Макрон.
Инаку, Бугарија ја блокираше македонската европска интеграција лани, тогаш главно поради историски нерешени прашања, а со инсистирање Скопје да признае дека македонската нација не постоела до 1944 година, дека македонскиот јазик е норма на бугарскиот, дека двете земји имаат заедничка историја, а таа е бугарска. Сега, новата бугарска влада предводена од Кирил Петков, предлага формирање на работни групи меѓу двете држави покрај постечката комисија за историја и за науката и културата итн, а рокот кој го спомена за затворање на прашањето е шест месеци. Од темите поврзани со историјата Петков досега инсистираше на тоа дека во македонските учебници Бугарија не треба да биде нарекувана фашистичка.