Германските регулатори отворија постапка за рускиот државно финансиран медиум РТ поради емитување во Германија без валидна лиценца. РТ ДЕ, германскиот канал на радиодифузерот РТ без најава почна со сателитски преноси во Германија на 16 декември користејќи сомнителна српска лиценца, соопшти на 17 декември медиумскиот регулатор за Берлин и околната покраина Бранденбург.
Германија не дозволува емитување на државни медиуми во странска сопственост, иако на телевизијата РТ ДЕ и е дозволено да има биро во Берлин. Матичната организација на РТ доби лиценца во Србија по неуспешниот обид да го стори тоа во Луксембург. Ова се откри дури на 16 декември кога РТ ДЕ почна да емитува програма во Германија.
Во соопштението испратено до Радио Слободна Европа германскиот регулатор наведува дека не е поднесена ниту дадена дозвола за емитување на програмата. Во него се наведува и дека е почната формална процедура и РТ ДЕ сега има рок до крајот на годината да одговори.
Телевизијата на својата интернет страница излезе со тврдење дека добила лиценца за кабелски и сателитски преноси во Србија, што според Европската конвенција за прекугранично емитување и дозволува да емитува во Германија. Германскиот регулатор пак тврди дека поради тоа што РТ ДЕ има седиште во Берлин е под германска јурисдикција.