Русија објави список договори за кои сака да преговара со Соединетите Американски Држави и НАТО во обид суштински да ја промени безбедносната архитектура во Европа по Студената војна. Предлозите, изнесени на 17 декември од руското Министерство за надворешни работи, повикуваат на прекин на проширувањето на НАТО кон исток и ограничувања на воената активност на алијансата во Источна Европа, вклучително и соработката со Украина и Грузија.
Предлозите повторно ќе отворат прашања поврзани со многу безбедносни напредоци што НАТО ги направи во Источна Европа и поранешните советски држави од доцните деведесети години. Предлозите на Москва доаѓаат во време на тензии меѓу Вашингтон и Кремљ кои достигнаа највисоко ниво по Студената војна.
Висок претставник на американската администрација кој инсистираше на анонимност ги нарече некои од предлозите „неприфатливи“ и нагласи дека Русите „го знаат тоа“. Сепак тој додаде дека некои други аспекти „отвораат одредена дискусија“.
Вилијам Кортни, поранешен функционер во Стејт департментот кој учествуваше во американско-советските одбранбени разговори, за РСЕ изјави дека предлозите на Русија ќе бидат начин за „официјализирање на сферите на влијание“, нешто што според него би било неприфатливо за Соединетите држави и Европа.
Русија во моментов има околу 100.000 војници во близина на границата со Украина што како што велат Соединетите држави може да бидат подготовка за инвазија.