Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски порачува дека како регулатор нема да лицитираат со цената на електричната енергија што ќе ја плаќаат потрошувачите на регулираниот пазар по 1 јануари се додека не ги направат потребните анализи.
Тој во интервју за МИА посочува дека одлуката за цената треба да биде донесена до крајот на месецов и нагласува дека јавноста детално ќе биде информирана колку биле, кои се трошоците и што предизвикува да има промена на цената на електрична енергија.
„Ние кажавме дека со цени нема да лицитираме. Ги добивме барањата од сите три компании. Сега ги анализираме, ги разгледуваме и тоа во делот на набавка на електрична енергија, трошоци за обновливи извори, дали ќе има трошоци за увоз, тоа е кај ЕВН Хоум и во делот кај Електродистрибуција и кај МЕПСО. Факт е дека двете компании пријавуваат значително зголемени трошоци за набавка на електрична енергија за покривање на загубите во нивните мрежи и всушност тоа го прави најголемиот притисок врз цената", вели Бислимовски.
Инаку, минативе денови вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши, изјавија дека покачувањето на струјата нема да биде поголемо од 10 проценти. Некои од електродистрибутерите бараа покачувања од над 70 проценти.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, прогнозираше 30 до 40 проценти зголемување на цената на струјата и смета дека далеку од вистината е она што деновиве беше објавувано од власта дека поскапувањето нема да биде поголемо од 10 проценти.