ММФ предвидува за Македонија раст од 4,2 и инфлација од 3,9 проценти

Тимот на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) предвидува економскиот раст во државава да се зголеми од 4 проценти годинава на 4,2 проценти во догодина, главно поттикнат од големата домашна побарувачка. Очекува инфлацијата во 2022 година да биде 3,9 проценти во просек и да се стабилизира на околу 2 проценти во 2023 година и во периодот потоа, а фискалниот дефицит да се намали на 4,3 проценти од БДП во 2022 година, од 5,9 проценти во 2021 година.

Во завршната изјава по виртуелно одржана мисија за земјава тимот на ММФ истакнува дека економското закрепнување се очекува да продолжи во 2022 година и предупредува дека пандемијата и понатаму предизвикува неизвесност.

„Бидејќи неизвесноста сè уште е голема, неопходно е политиките и понатаму да бидат флексибилни. Акцентот треба да биде ставен на ограничување на последиците врз економијата предизвикани од пандемијата, истовремено остварувајќи напредок во однос на долгорочните реформски
приоритети, како што се понатамошното зајакнување на управувањето со јавните финансии и управувањето со приходите, како и зајакнување на финансиската заштитна мрежа“, стои во изјавата.

Вработеноста, оценуваат од ММФ, најверојатно постепено ќе закрепнува, но високиот раст на платите, растечките дознаки и користењето на дел од кумулираните заштеди би влијаеле на зголемување на расположливиот приход. Се очекува солиден раст на извозот, иако како што објаснуваат на него неповолно ќе влијаат нарушувањата во синџирот на снабдување, особено во автомобилскиот сектор, а големата домашна побарувачка подразбира висок раст на увозот.

Дополнително, како што посочуваат од ММФ, покриеноста со вакцини е сè уште на ниско ниво, а глобалното реактивирање на пандемијата и новите варијанти на вирусот се фактори кои значат негативен ризик за растот. Исто така, политичката нестабилност би можела да ја намали довербата и да го успори спроведувањето на политиките. Од друга страна, почеток на преговорите за пристапување во ЕУ би можело да даде поттик за спроведување на реформи, со што ќе се зголеми растот.