Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, прогнозира 30 до 40 проценти зголемување на цената на струјата и смета дека далеку од вистината е она што деновиве беше објавувано од власта дека поскапувањето нема да биде поголемо од 10 проценти.
Во краен случај, како што рече на денешниот брифинг со новинарите, одлуката ќе ја донесе Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), а таа, како што појасни, ќе предвидува укинување на евтината дневна струја од 14 до 16 часот попладне, но не и укинување на ноќната евтина струја и таа во недела.
Мицкоски вели дека енергетска криза е глобална, но ја засега нашата земја, а клучната грешка што, според него, власта ја направила изминатиов период е тоа што го оставила ЕВН Хоум сам да купува струја, наместо во процесот на надополнување на недостигот на струја да биде вклучен ЕСМ.
Изминатите два дена и вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за економија, Крешник Бектеши, изјавија дека покачувањето на струјата нема да биде поголемо од 10 проценти. Некои од електродистрибутерите бараа покачувања од над 70 проценти.
Мицкоски бара и предвремени избори во мај или јуни, со преодна влада во февруари или март, предводена од лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.