Одлуката на германските власти да го одложат одобрувањето на дозволата за гасоводот „Северен тек 2“ е политичка одлука, изјави денска рускиот претставник во ЕУ, Владимир Чижов, пренесуваат руските медиуми.
Тој вели дека во прашање е само политика и ништо друго освен политика.
Претседателот на германскиот регулатор Бундеснетцагентур, Јохен Хоман, на прес-конференција претходно изјави дека не очекува регулаторната агенција да донесе одлука за Северен тек 2 во првата половина од наредната година. Тој рече дека процесот за одобрување на гасоводот е прекинат, оти не ги добиле сите потребни документи.
Градењето на гасоводот потполно е завршено во септември 2021.
За да може да потече гас, операторот „Северен тек А)мора да добие одобрение од германската регулаторна агенција.
Одобрувањето на гасоводот е суспендирано зошто операторот со седиште во Швајцарија мора да регистрира свој огранок и во Германија.
Овој проект наиде на остро противење од страна на САД и од некои европски држави, кои сметаат дека на тој начин Европа ќе стане премногу зависна од руски гас.
Северен тек 2 поминува под Балтичкото Море и ќе го удвои извозот на руски гас во Германија, но ќе ја заобиколи Украина, која до скоро беше главен транзитен правец од Русија до ЕУ. Украина ќе биде тешко погодена со тоа што ќе ги загуби добивките што ги имаше од транспортот на овој енергенс.