Македонија мора да го промени својот Устав и Бугарите да бидат вметнати во него, вели претседателот на Бугарија Румен Радев во интервју за европското електронско издание Еуроактив, кое го даде за време на престојот во Брисел. Според Радев, ова би бил чекор кон решавање на спорот меѓу Софија и Скопје.
Тој вели дека дискриминаторскиот третман на македонските Бугари трае со децении, и оти тоа треба да престане. Според него, денес повеќе од 120 илјади македонски граѓани имаат и бугарско државјанство и тие не се само бугарски државјани, туку и граѓани на ЕУ, а тоа значи многу кога станува збор за човековите права.
„Македонските Бугари мора да бидат третирани подеднакво со сите други групи на луѓе споменати во нивниот Устав. Се работи за принципи, а не за преговори. Сакаме да видиме неповратни и одржливи резултати, законски обврзувачки“, рече бугарскиот претседател.
Радев посочува дека Македонија за шест месеци го спроведе Договорот од Преспа со Грција, „па дури и го сменија името на својата земја“, и реторички прашува зошто е толку тешко да се додаде еден, единствен збор – „Бугари“ во Уставот на Република Северна Македонија.
Според него, најголемата грижа на Бугарија е што Македонија не ги применува основните принципи и вредности на ЕУ, како што се човековите права и недискриминацијата.
„Пред четири години верувавме дека договорот ќе ги реши проблемите во билатералните односи, на ист начин како што тоа го правеше Договорот од Преспа, но денеска има заостанување по сите точки од него. Расте говорот на омраза против Бугарија, нема политичка волја за отстранување навредливи текстови во учебниците, нема политичка волја да се запре фалсификувањето и уништувањето на бугарското културно и историско наследство во овој дел од светот“, вели Радев.
Тој вели дека се смета дека Бугарија и Македонија се во процес на повторно преговарање за Договорот за пријателство и добрососедство, но оти тоа не е така.
„Ние сме во процес на барање начин за подобро спроведување на овој договор. Договорите треба да се почитуваат. Ова е главен предуслов за да се биде член на ЕУ. Договорите на ЕУ мора да се почитуваат на ист начин“, рече Радев.