ЕУ нарача вакцини на Фајзер прилагодени за Омикрон

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека Европската унија нарачала повеќе од 180 милиони дози од вакцината „Фајзер/Бионтек“, прилагодена за варијантата Омикрон.

Таа изјави дека лидерите на ЕУ активирале клаузули во договорите потпишани со производителите на вакцини што им дозволуваат да побараат развој на адаптирана вакцина во рок од 100 дена.

Претседателката на ЕК вели дека Регулаторот за лекови на ЕУ ја евалуира адаптираната вакцина. Таа исто така, рече дека Европа сега може да произведува 300 милиони дози вакцини секој месец и е најголем извозник на вакцини против ковид-19.

Фон дер Лајен побара од земјите на ЕУ да ги забрзаат кампањите за вакцинација по појавата на Омикрон. Таа повтори дека е препорачливо да се земе и трета доза од вакцината шест месеци по целосната вакцинација. Фон дер Лајен вели дека сертификатите ќе важат уште три месеци додека не се даде засилувачката вакцина.