Конечното одобрение за контроверзниот гасовод Северен тек 2 од Русија до Германија не се очекува да дојде во првата половина на 2022 година, соопшти германскиот енергетски регулатор. Регулаторот Бундеснетцагентур во ноември објави дека привремено го суспендирал процесот на сертификација за гасоводот вреден 12 милијарди долари, велејќи дека операторот Северен тек АГ со седиште во Швајцарија мора прво да формира правен субјект во Германија. Шефот на Бундеснетцагентур, Јохен Хоман, на прес-конференција рече дека операторот иницирал процес за создавање германска подружница, но не се поднесени сите документи за рестартирање на процесот на сертификација. „Нема да има одлуки во првата половина на следната година“, рече тој.
Русија вели дека не го користи извозот на гас како оружје. Навистина?
Дури и кога регулаторот ќе ги добие сите потребни документи и ќе даде одобрение, Европската комисија има четири месеци да го разгледа проектот за да се осигура дека е усогласен со енергетските директиви на ЕУ. После тоа, регулаторот има уште два месеца да даде конечна потврда. „Северен тек АГ“ е половина во сопственост на рускиот државен Газпром во конзорциум со европски енергетски компании. Улогата на Газпром во проектот може да предизвика проблеми, бидејќи според законот на ЕУ за енергетика, операторите на гасоводи и снабдувачите со гас не можат да бидат иста компанија.
Што се крие зад стравот од можна руско-украинска војна?
Гасоводот од Балтичкото Море, кој ќе ги удвои испораките на природен гас за Германија и ќе помогне да се олесни европската енергетска криза, беше завршен во септември. Германија вели дека ѝ е потребен природен гас за да ѝ помогне на најголемата економија на ЕУ да се откаже од јагленот и нуклеарната енергија.Критичарите велат дека проектот ќе ја зголеми зависноста на Европа од рускиот гас и може да се искористи за да се изврши политички притисок. Полска и Украина беа особено гласни во своето противење, додека САД исто така се спротивставија. Загриженоста за военото засилување на Русија во близина на Украина го обнови фокусот врз гасоводот. Новата германска министерка за надворешни работи Аналена Баербок изјави дека според договорот меѓу Берлин и Вашингтон Северен тек 2 ќе биде стопиран доколку Русија ја нападне Украина.