Лидерите на ЕУ ја предупредија Русија на „огромни последици“ во случај на агресија врз Украина

Знамиња на ЕУ се веат пред седиштето на Европската комисија во Брисел

Лидерите на ЕУ ѝ се заканија на Русија во случај на воена агресија врз Украина и повикаа на враќање на дипломатијата за деескалација на тензиите. „Секоја натамошна воена агресија против Украина ќе има огромни последици, вклучително и рестриктивни мерки координирани со партнерите“ во Британија и САД, изјавија лидерите на ЕУ на крајот од еднодневниот самит во Брисел на 16 декември. Декларацијата не прецизира какви ќе бидат мерките, ниту дефинира што ќе претставува „натамошна воена агресија“. Соединетите држави, Европската унија и Украина се вознемирени поради трупањето на руската војска во близина на границите на Украина, толкувајќи го тоа како можна увертира за инвазија.

Русија на САД им претставила предлози за безбедносни гаранции

„Европскиот совет ја нагласува итната потреба Русија да ги деескалира тензиите предизвикани од военото засилување долж нејзината граница со Украина и агресивната реторика“, се вели во заклучоците на самитот. Лидерите на ЕУ повторно ја повикаа Москва да се вклучи во нормандискиот формат и договорите од Минск, во кои посредуваа Германија и Франција за да се најде политичко решение за ставање крај на конфликтот во источна Украина. Украинските сили се борат против сепаратистите поддржани од Русија од 2014 година во конфликт кој тлее во кој загинаа повеќе од 13.000 луѓе.

Бајден се закани со санкции доколку Русија ја нападне Украина

Соединетите држави исто така се заканија со „силни економски и други мерки“ како казна доколку Москва започне офанзива против Украина. Русија негира дека планира да ја нападне Украина и постави низа барања, вклучително и директен дијалог со Соединетите држави за да се реши ќор-сокакот и гаранција дека Украина еден ден нема да стане членка на НАТО.