Претседателот на државата Стево Пендаровски вечерва, коментирајќи ги забелеѓките на премиерот Зоран Заев дека македонскиот претседател ги сменил ставовите за иницијативата „Отворен Балкан“, рече дека особено последниот пасос од соопштението на кабинетот на премиер „не личи на Заев“ и дека „се сомнева оти тоа му е сугерирано, а тој не посветил доволно внимание бидејќи е зафатен со примопредавање на функцијата“.
Кабинетот на Заев објави изјава во која премиерот го критикува вчерашниот став на Пендаровски, искажан при вчерашната посета на Косово, дека иницијативата Отворен Балкан е „фалична бидејќи во неа не учествуваат сите 6 држави од Западен Балкан“.
„Јас сум изненаден што Пендаровски ги промени своите ставови за оваа пред сѐ економска иницијатива, но нема да бидам изненаден кога повторно ќе се премисли за да даде поддршка во периодот што доаѓа, а во интерес на граѓаните, државата и регионот“, стоеше во изјавата на Заев.
Токму на овој дел од изјавата вечерва реагираше Пендаровски.
„Се сомневам дека некој од неговите познати ПР советници или стратези му сугерирале да напише една таква небулоза во соопштението“, рече Пендаровски во емисијата Топ тема на Телма.
- Заев изненаден од ставот на Пендаровски за „Отворен Балкан“
- Кабинет на Претседателот: Ставот на Пендаровски за „Отворен Балкан“ е конзистентен
Од претседателскиот Кабинет претходно објаснија дека уште на првата средба во врска со Иницијативата било заеднички утврдено дека ако Иницијативата е некаков вид алтернатива на македонското членство во ЕУ тогаш таа не е прифатлива.