Премиерот Зоран Заев и новиот претседател на СДСМ Димитар Ковачевски попладнево се сретнаа со претседателот на ДУИ, Али Ахмети. Тие разговарале за владините приоритети, за преземањето одговорности и за одржувањето и надградувањето на владиното и парламентарно мнозинство.
„Заев, Ахмети и Ковачевски се согласни дека новата Влада ќе биде целосно фокусирана на забрзано движење на државата по евроатлантскиот пат и дека целта е првиот голем успех на Владата да биде наоѓањето решенија за предизвиците во односите со Бугарија и почеток на преговорите за членство во Европската унија“, се наведува во владиното соопштение по средбата.
Во соопштението се наведува дека се очекува следните парламентарни избори да бидат редовни и да се одржат во 2024 година.
Ахмети претходно денеска во Собранието се сретна и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. По едночасовната средба, Мицкоски изјави дека тие разговарале за спорот со Бугарија и за предвремени парламентарни избори.
Во однос на спорот со Бугарија, Мицкоски рекол дека „треба да се напушти принципот на коленичење и сервилност“. Тој исто така смета дека за излез од кризата во која се наоѓа земјата се потребни предвремени парламентарни избори.