Ставот на претседателот Стево Пендаровски во однос на иницијативата „Отворен Балкан“ е конзистентен од самиот почеток, а претседателот тоа му го има и лично пренесено на премиерот Зоран Заев по првичниот состанок во Нови Сад кога е промовирана иницијативата, се наведува во реакцијата од Кабинетот на Претседателот по повод изјавата на премиерот Зоран Заев.
„На оваа тема, во Кабинетот на претседателот Пендаровски како точка на дневен ред се разговараше и на првата лидерска средба во присуство на опозициските партии во 2019 година. Едногласен заклучок во однос на иницијативата „Отворен Балкан“ усогласен меѓу сите политички субјекти на таа лидерска средба беше дека нашата држава нема алтернатива на патот ко полноправно членство во ЕУ и дека доколку иницијативата „Отворен Балкан“ има таков карактер, таа не е прифатлива за ниту еден политички субјект во Република Северна Македонија“, се наведува во реакцијата.
Од Кабинетот на претседателот потенцираат дека тој никогаш не бил против зајакнување на економските процеси, олеснувањето на царинските процедури и слободниот проток на луѓе и капитал меѓу земјите на Западен Балкан, но оти фактот што половина од државите во регионот не се дел од иницијативата, го лимитира нејзиниот потенцијал.
Премиерот Зоран Заев претходно изрази изненадување од ставот кој претседателот на државата Стево Пендаровски вчера го изнесе во Приштина во врска со иницијативата „Отворен Балкан“. Според Заев, особено е неразбирливо кога „ваквата негативна реакција доаѓа од првиот човек во државата кој би требало да биде и прв во заштитата на интересите на граѓаните“.
Претседателот Пендаровски вчера за време на посетата на Косово, на заедничката прес-конференција со косовската претседателка Вјоса Османи, рече дека „Отворен Балкан“ е фалична иницијатива од самиот почеток, бидејќи наместо да учествуваат сите шест држави од Западен Балкан во неа се само половината. Тој напомена дека сè додека иницијатива не ги опфати сите шест држави на Западен Балкан нема да биде успешна.