Градското Собрание во Лозница денеска донесе одлука да го укине Просторниот план за градот, според кој се предвидуваше компанијата Рио Тинто да гради рудник за литиум.
Како што пренесе Радио-телевизија Србија, на седницата на градскиот Совет, свикана по итна постапка, за укинување на планот гласале 46 советници, никој не бил против, а 13 советници не присуствувале на гласањето.
Во Лозница се одржаа протести на 29 ноември пред градското Собрание, со барање да се укине просторниот план за градот со кој беше предвидено градба на рудникот.
Тогаш повеќе од пет илјади луѓе се потпишаа на петицијата за укинување на планот. Градот има 80 илјади жители.
Локалното население преку Здружени на граѓани, еколошки организации, дел од стручната јавност и опозициски партии сметаат дека изградбата на рудникот може да има негативни последици врз животната средина во регионот кој се наоѓа во западна Србија, а може и пошироко.
Најавата за рудникот за литиум на компанијата Рио Тинто во Лозница, заедно со измените на Законот за експропријација и на Законот за референдум предизвикаа протести ширум Србија.
Српската влада на 8 декември го повлече носењето на Законот за експропријација, а на 10 декември измени четири члена од Законот за референдум со што се укинуваат таксите за проверка на потписите, против што протестираа граѓаните.