Занаетчиите очекуваат да се разгледа барањето за субвенционирање на сегашната и на најавената зголемена плата, информираа денеска надлежните од Занаетчиската комора.
Занаетчиите велат дека поради неповолната состојба во економијата не можат да ги зголемат сопствените плати и затоа бараат поддршка преку субвенции. Како самостојни вршители на дејност, микро и малите компании, каде што спаѓа и занаетчиството бараат да се субвенционира разликата на досегашната минимална плата од 3.000 денари.
Претседателот на Занаетчиската комора Агрон Фазлији вели дека работниците бараат покачување на платата и дека Комората во тоа ги поддржува, но смета дека државата треба да помогне, оти занаетчиството трпи огромни последици од пандемијата.
„Апелирам до Владата да ги сфати сериозно нашите барања, бидејќи државата не може да биде за едни мајка, а за други маќеа, кога може да ги плаќа долговите на јавните претпријатија и други институции, зошто да не може да ја субвенционира и платата на микро, малите (занаетчиите) и самостојните вршители на дејност“, вели Фазлији.