Лидерите на земјите членки на ЕУ на денешниот состанок во Брисел се очекува да ја предупредат Москва дека непријателската акција против Украина ќе предизвика санкции без преседан. Во последните недели порасна загриженоста кај западните сили дека руското воено засилување во близина на украинската граница би можело да биде вовед во можна инвазија, но руските власти тоа го негираат.
На самитот во Брисел освен за ситуацијата на границата меѓу Украина и Русија, треба да се разговара и за мигрантска криза долж границата на Унијата со Белорусија, како и за пандемијата на коронавирус и за цените на енергијата.
Пред да влезе на состанокот, литванскиот претседател Гитанас Науседа пред новинарите изјави дека ЕУ не треба да ја потценува руската закана и мора „да направи сè за да го спречи најлошото сценарио“.
Новиот германски канцелар Олаф Шолц, рече дека лидерите на ЕУ повторно ќе нагласат дека неповредливоста на границите е важна основа за мирот во Европа. Тој вели дека заедно ќе направат сè за да се одржи таа неповредливост на границите.
Во последниве недели, Киев и неговите западни поддржувачи ја обвинија Русија дека распоредува десетици илјади војници во близина на нејзината граница со Украина како можна најава за инвазија.
Русија негира дека има планови да започне офанзива.
Тензиите меѓу Украина и Русија веќе беа во фокусот на самитот кој се одржа вчера, на 15 декември, меѓу лидерите на ЕУ и земјите од Источното партнерство, меѓу кои е и Украина.