Наследници и милијарди

МАКЕДОНИЈА - Димитар Ковачевски денеска официјално ја презема функцијата лидер на СДСМ. Досегашниот претседател на партијата Зоран Заев, како што информира прес службата на СДСМ, му ја честитал победата на Ковачевски и му посакал успешен мандат.

ГЕРМАНИЈА - Германија денеска протера двајца руски дипломати откако 56 годишниот руски државјанин именуван како Вадим Красиков, алијас Вадим Соколов беше прогласен за виновен од судот во Берлин за убиството на поранешен чеченски милитант Зелимкан Кангошвили во 2019 година по наредба на Москва.

СРБИЈА / КОСОВО - Српските власти го одбиле денеска барањето на косовската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Доника Грвала да влезе во земјата, објави косовското МНР. Грвала, според соопштението, побарала дозвола, согласно договорот постигнат со посредство на Брисел, за посета на официјални лица во Прешево, Медвеѓе и Бујановац, градови во јужна Србија кои се населени со мнозинско албанско население.

АЛБАНИЈА - Евростат соопшти дека личните трансфери што жителите на земјите од Европската унија ги испратиле во Албанија минатата година биле на рекордно ниво и изнесуваат 1,03 милијарди евра.

ГРЦИЈА - Негативен ПЦР тест направен 48 часа пред патувањето ќе биде задолжителен за патниците од сите земји кои пристигнуваат во Грција. Според соопштението на грчкото министерство за здравство одлуката е во рамки на напорите за контрола на пандемијата на Ковид-19, а ќе стапи во сила во недела наутро.

БУГАРИЈА - На сите европски совети од мај, разговарав со секој европски лидер на тема РС Македонија. Сакам да им се заблагодарам, бидејќи по втор пат темата е надвор од дневен ред. Нашите партнери конечно разбраа каде е вистинскиот проблем. Проблемот длабоко влијае на основата на самата ЕУ, човековите права и недискриминацијата, изјави бугарскиот претседател Румен Радев во Брисел каде што учествува на шестиот самит на Источното партнерство и Европскиот совет.

РУСИЈА / КИНА - Лидерите на Русија и Кина се обидоа да покажат обединет фронт во услови на сè понапнати односи на двете земји со Западот. Односите на двете земји со Западот се влошуваат во изминатите години поради многу прашања, а нивните лидери не беа поканети на демократскиот самит што го организираше американскиот претседател Џо Бајден минатата недела.

СРБИЈА / МАКЕДОНИЈА / АЛБАНИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ ќе престојува во Тирана на 20 и 21 декември на состанок на регионалната иницијатива Отворен Балкан, јави дописникот на МИА од Белград. На средбата, чиј домаќин е премиерот на Албанија, Еди Рама, ќе присуствува и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, јавија српските медиуми.