Русија претставила збир на предлози за обврзувачки безбедносни гаранции од страна на Западот за време на денешниот состанок со американскиот помошник државен секретар Карен Донфрид во Москва, соопшти Кремљ.
Донфрид, кој отпатува за Москва по разговорите со официјални лица во Киев за големото распоредување на руски војници во близина на Украина, во видео објавено на Твитер соопшти дека САД ќе ги споделат предлозите на Русија со своите сојузници и партнери.
Украина и нејзините западни поддржувачи изразија загриженост дека Русија можеби подготвува инвазија на својот сосед, нешто што Москва го негираше.
Кремљ, кој вели дека новото проширување на НАТО кон исток е закана за Русија, побара гаранции дека Алијансата нема да се прошири понатаму кон исток или да распореди напредно вооружување во Украина и другите земји кои граничат со Русија.
Вашингтон и Киев постојано изјавуваат дека никој нема право да стави вето на желбата на Украина да се приклучи на западната алијанса. НАТО порача дека неговите активности се одбранбени и имаат за цел да обесхрабрат нова руска агресија откако Москва во 2014 година незаконски изврши анексија на украинскиот регион Крим и ги поддржува проруските сепаратисти кои зазедоа дел од источна Украина истата година.
„На американските претставници буквално денеска им беа врачени конкретни предлози во нашето Министерство за надворешни работи кои имаат за цел да развијат правни безбедносни гаранции за Русија“, изјави помошникот на Кремљ, Јуриј Ушаков.
Тој додаде дека се подготвени веднаш да ги започнат преговорите. Донфрид денеска се сретна и со рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.