На сите европски совети од мај, разговарав со секој европски лидер на тема РС Македонија. Сакам да им се заблагодарам, бидејќи по втор пат темата е надвор од дневен ред. Нашите партнери конечно разбраа каде е вистинскиот проблем. Проблемот длабоко влијае на основата на самата ЕУ, човековите права и недискриминацијата, изјави бугарскиот претседател Румен Радев во Брисел каде што учествува на шестиот самит на Источното партнерство и Европскиот совет.
Радев, како што пренесува БГНЕС, истакна дека Софија ќе продолжи да ја брани својата позиција, не само за историјата и главен приоритет е почитувањето на човековите права на луѓето со бугарски идентитет.
„Не даваме рокови. Овој процес не е воден од рокови, туку од резултати“, рече Радев.
Според него, сите обиди за притисок врз Бугарија се контрапродуктивни. Францускиот претседател Емануел Макрон, како што посочи Радев, јасно ја знае позицијата на Бугарија и затоа не очекува притисок.
Советот за општи работи на Европската унија вчера ги усвои заклучоците за проширувањето и наведе дека првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија се очекуваат што е можно поскоро, но без да се спомене кога.