Шекеринска: Бугарското вето „успеа” да ја намали моќта и влијанието на ЕУ во регионот

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска


Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска изјави дека неуспехот да се испорача тоа што Северна Македонија го заслужува, ја загрозува ЕУ во еден важен регион кој е опкружен со членки на Унијата.

„И затоа изгледа дека бугарското вето „успеа“ таму каде што не успеаја други надворешни влијанија – да ја намали моќта и влијанието на ЕУ во целиот регион на Западен Балкан“, истакна Шекеринска на денешниот состанок на министрите за одбрана на Централноевропската одбранбена соработка која во моментов се одвива под претседателство на Хрватска.

Според Шекеринска, како што соопшти Министерството за одбрана, земјата во изминатите четири години била целосно и искрено посветена на евроатлантските интеграции, што уште повеќе ја зголемува разочараноста од одлагањето на почетокот на преговорите за членство во ЕУ.

„Северна Македонија, не седеше и не чекаше да добие подарок, туку во последните неколку години работевме на суштински, болни и тешки реформи, не само за решавање на билатералните прашања со Грција и Бугарија туку и на прашања кои се важни за европската агенда, како што се човековите права, владеење на правото, транспарентноста, борба против корупцијата, правата на малцинствата. Во сите овие прашања Северна Македонија има видливи резултати“, рече министерката за одбрана.

На состанокот кој се одржа преку видеоконференциска врска, претседаван од домаќинот, хрватскиот министер за одбрана Марио Баножиќ, учествуваа и министрите за одбрана на Австрија, Унгарија, Словачка, Словенија, Албанија, Црна Гора, Косово и Србија, и замениците министри од Чешката Република и од Босна и Херцеговина.

Советот за општи работи на Европската унија вчера ги усвои заклучоците за проширувањето и наведе дека првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија се очекуваат што е можно поскоро, но без да се спомене кога.