Лидерите на Русија и Кина се обидоа да покажат обединет фронт во услови на сè понапнати односи на двете земји со Западот. Односите на двете земји со Западот се влошуваат во изминатите години поради многу прашања, а нивните лидери не беа поканети на демократскиот самит што го организираше американскиот претседател Џо Бајден минатата недела.
Кремљ соопшти дека, за време на денешниот видео разговор, претседателот Владимир Путин му рекол на својот кинески колега Си Џинпинг, дека е „формиран нов модел на соработка“ меѓу двете земји, кој вклучува одлучност да се претвори нивната меѓусебна граница „во појас на вечен мир и добрососедство“.
„Сметам дека овие односи се вистински модел се меѓудржавна соработка во 21 век“, рекол Путин.
Кина е мета на критики од страна на САД и Европа поради кршењето на човековите права во регионот Синџијанг и потиснувањето на политичките слободи во Хонгконг, како и поради воената активност во Индо-пацифичкиот регион.
Русија, пак, е критикувана од Западот поради нападот врз политичката опозиција и слободните медиуми, а од неодамна поради трупањето десетици илјади војници во близина на границата со Украина, која се смета за увертира за инвазија врз соседната земја.
И Русија и Кина ги отфрлаат западните критики. Според кинеските државни медиуми, Си Џинпинг му рекол на Путин дека „одредени меѓународни сили“ во моментов се мешаат во внатрешните работи на Кина и Русија под превезот на демократијата и брутално го газат меѓународното право и признаените норми во меѓународните односи. Тој исто така му рекол на Путин дека Кина и Русија треба да вложат повеќе заеднички напори за да ги заштитат меѓусебните безбедносни интереси.
Путин потврдил дека ќе присуствува на Олимписките игри во Пекинг наредната година. САД, Велика Британија, Австралија и Канада нема да испратат политички претставници на Олимпијадата, поради злоупотребата на Ујгурите и другите муслимански малцинства во Синџијанг.
Путин рече дека тој и Си се противат на „секој обид да се политизира спортот и олимпиското движење“, обвинување што Москва постојано му го упатува на Западот.