Ќерката на затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални денеска во негово име ја прими наградата Сахаров на церемонија во францускиот град Стразбур. ЕУ ја доделува наградата Сахаров за постигнувања во областа на човековите права.
Денеска во Европскиот парламент и беше врачена наградата на Дарја Навалнаја. Нејзиниот татко, кој се смета за еден од најгласните критичари на рускиот претседател Владимир Путин беше затворен пред 11 месеци.
Ќерката на Навални вели дена наградата е за активностите на нејзиниот татко и за работата што продолжуваат да ја работат неговите соработници.
Европските пратеници на 20 октомври го избраа Навални за добитник на годишната награда Сахаров, за, како што наведоа, постојаната кампања што тој ја водеше против корупцијата на режимот на Владимир Путин.
Навални во октомври ја посвети својата награда на сите антикорупционери во светот.
Тој беше затворен на 17 јануари откако се врати во Русија од Германија, каде што се лекуваше откако беше отруен со хемиски нервен агенс. Навални тврди дека неговото труење било директно нарачано од претседателот Владимир Путин, што Кремљ го негира.
Наградата Сахаров за слобода на мислење првпат им беше доделена на Нелсон Мандела и Анатолиј Марченко во 1988 година. Се доделува на поединци, групи и организации кои придонеле за заштита на слободата на мислење и човековите права. Наградата Сахаров, основана во 1988 година, е придружена со сума од 50.000 евра. Наградата го доби името по рускиот научник и дисидент Андреј Сахаров (1921-1989).