Околу 30 отсто од системот на Електростопанство Србија во моментов не е во функција, изјави српската министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ.
Таа денеска за РТС рече дека во овој момент 9000 корисници немаат струја и дека 260 трафостаници не се во функција, како и дека во неделата, на 12 декември, 126 илјади корисници биле без струја.
Михајловиќ наведе дека сите граѓани и фирми ќе добијат струја во текот на денов и додаде дека за одговорноста за проблемите во производството и снабдувањето, за кои рече дека вината ја сноси раководството на Електростопанство Србија (ЕПС), ќе се разговара кога ќе се заврши актуелната енергетска криза.
„Во еден дел состојбата е причинета од елементарни непогоди, кога зборуваме за дистрибутивниот сектор, а во друг од недостигот на квалитетен јаглен во ЕПС“, изјави таа.
Според неа, планирањето во секторот енергетика не е добро и оти 30 години не е направен ниеден нов капацитет.
„ЕПС со месеци зборува дека сме спремни за зимата, а потоа за половина час сè испадна од системот“, рече министерката.
Како едно од најважните прашања, таа го истакна тоа што во време на енергетска криза во Европа, Србија нема доволни количества квалитетен јаглен и оти тоа е причината поради која со своите термокапацитети не успеа да ја сочува стабилноста во снабдувањето.
Енергетската криза во Србија настапи во неделата на 12 декември, кога падна првиот поголем снег во поголемите градови.
Поради последиците од големиот снег, прогласена е вонредна состојба во девет општини во западна Србија – Ивањица, Лучани, Нова Варош, Љубовија, Крупањ, Ариље, Бајина Башта, Осечина и во Мали Зворник, каде што 40 отсто од жителите се без струја.