Претставничкиот дом на американскиот Конгрес усвои двопартиски нацрт закон со кој се блокира увозот од кинескиот регион Ксинџијанг, оти постои загриженост дека во тој регион припадниците на муслиманското малцинство Ујгури се користат за присилна работа и им се кршат човековите права.
Законот е донесен доцна на 14 декември, а потоа е испратен во Сенатот, каде се очекува исто така да помине пред да биде испратен на потпис кај претседателот Џо Бајден.
„Се согласуваме со Конгресот дека може и мора да се преземе акција за да се бара одговорност од Народна Република Кина за геноцид и кршење на човековите права и да се реши присилната работа во Ксинџијанг“, рече портпаролката на Белата куќа Џен Псаки во соопштение.
САД ја обвинуваат кинеската влада дека води логори за Ујгури и за други муслимански групи во Ксинџијанг, каде што се користи принудна работа за производство на сè, од текстил до соларни панели.
САД, уште некои други западни земји и групите за човекови права ја обвинуваат Кина за геноцид врз Ујгурите и другите муслимански групи преку масовно протерување, принудна работа, контрола на населението и отфрлање на нивните религиозните верувања и култура.
Кина ги негира обвинувањата, велејќи дека води „кампови за превоспитување“ за борба против исламистичкиот екстремизам.
Предлог закон беше усвоен по неколкумесечни расправи меѓу демократите и републиканците во Долниот дом и во Сенатот. Републиканците ги обвинија демократите на претседателот Бајден дека го одолговлекуваат законот зошто тоа може да им за комплицира агендата за обновливи извори на енергија.
Најголем дел од соларните панели во светот се произведуваат во Ксинџијанг.
Исто така ги обвинуваат дека потклекнале пред лобирањето на корпорациите како Епл и Најк кои наводно профитираат од принудната работа во Ксинџијанг. Демократиите ги отфрлија двете обвинувања.