За претседателот на државата Стево Пендаровски прифатлив е пристапот на новиот бугарски премиер Кирил Петков дека историјата не треба да биде единствен канал на комуникација. Пендаровски, кој денеска е во официјална посета на Косово, во одговор на новинарско прашање, рече дека е прифатливо да се разговара и со други теми како инфраструктура, енергетско поврзување, економија, трговска размена, интеграции, пандемијата...
„Меѓутоа, секако не да разговараме за тоа што се случило пред три или пет века. Тоа е модерен пристап кој го поддржувам, се разбира не го поддржувам временскиот рок бидејќи беше најавен за шест месеци, мислам дека проблемот меѓу нас може да се реши за многу покус временски период“, истакна Пендаровски.
Претседателот, на заедничката прес-конференција со претседателката на Косово Вјоса Османи, оцени дека одолговлекувањето на решавањето на прашањето меѓу Скопје и Софија нема да доведе до безбедносна дестабилизација на Република Северна Македонија.
Пендаровски потсети дека земјава се соочи со слична ситуација кога беше одбиена од членството во НАТО во 2008 година поради проблемот тогаш со Грција, но тоа не доведе до безбедносна дестабилизација на државата, а десет години потоа проблемот беше решен.
„Не знам од каде се тие оценки и на што се базираат, меѓутоа она што јас го знам, а би требало да го знам како претседател на државата во тој дел нема никаква најава дека ако чекаме подолго со нерешен спор со Бугарија или чекаме подолго да ги почнеме преговорите со ЕУ дека ќе дојде до каква била и од кого било иницирана внатрешна или од надвор дестабилизација на земјата. Значи, од тој аспект граѓаните на нашата земја може да бидат спокојни“, заклучи Пендаровски на прес-конференцијата со Османи во Приштина.