Нема датум за преговори за Македонија и Албанија

Земјите членки на ЕУ успеаја да постигнат компромис за заклучоците за проширување, но амбицијата да се одржат првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана не се дел од нив, јави дописничката на МИА од Брисел.

Иако словенечкото претседателство јавно настапи со надеж дека преговорите со Македонија и Албанија ќе започнат до крајот на оваа година и тоа беше експлицитно наведено во нацрт заклучоците, по денешните преговори меѓу министрите за европски прашања временската одредница не беше задржана.

Европската комисија и Советот на ЕУ изразија задоволство за компромисот постигнат во делот на проширувањето и го нарекоа „ремек дело на способноста на ЕУ да изгради компромис“, како што изјави потпретседателката на Европската комисија, Вера Јурова.

Сепак тој компромис повеќе не го вклучува рокот за старт на преговорите „до крајот на оваа година“.