Рускиот претседател Владимир Путин денеска повика „веднаш“ да се одржат преговори со НАТО и САД за давањето безбедносни гаранции за Русија, поврзани со тензиите околу Украина.
„Владимир Путин ја истакна потребата веднаш да почнат преговори со САД и НАТО за да се дефинираат правни гаранции за безбедноста на нашата земја, за да се исклучи идно ширење на Алијансата на исток и распоредување на системи за вооружување кои се закана за Русија, Украина и другите соседни земји“, соопшти Кремљ по телефонскиот разговор со финскиот лидер Саули Нинисте.
Финска е традиционален посредник меѓу Русија и нејзините западни ривали.
Во видео разговор со американскиот претседател Џо Бајден на почетокот на месецов, Путин побарал правни гаранции со кои би се исклучило секое идно проширување на НАТО, додека Москва смета дека Западот, отворајќи ја Алијансата за земјите од Источна Европа и од поранешниот СССР, ги прекршил ветувањата дадени по распадот на Советскиот Сојуз.
Русија го смета можното влегување на Украина во НАТО како црвена линија.
Западот стравува дека Русија спрема воена инвазија во Украина и распоредува големи сили во близина на границата.
Кремљ ги негира обвинувањата и наведува дека НАТО ѝ се заканува на Русија со вооружувањето на Киев и зголемените воздушни и сили во Црното Море.
Западот се закани со жестоки санкции ако Русија ја нападне Украина. Веќе има санкциите против Москва, по нелегалната анексија на Кримскиот Полуостров од Украина во 2014 година. Русија исто така ги поддржува сепаратистите во источна Украина.