На денешната средба меѓу раководството на ЛДП, партија дел од власта и раководството на СДСМ, предводено од новоизбраниот лидер Димитар Ковачевски биле договорени програмските политики важни за либералдемократите во делот на економијата, екологијата и изборните реформи, соопштуваат од ЛДП.
„Усвоени се нашите барања кои ќе ги афирмираат нашите либерални политики, а тоа се: заокружување на процесот на децентрализација, отворање на Законот за локална самоуправа, воведување на моделот на една изборна единица, отворени листи за избор на советници, регулацијата на пазарот на криптовалути, измени во законите за градење и урбанистичко планирање со цел стопирање на урбаниот хаос во градските центри и ставање акцент на хуманото живеење и екологијата. Изградба на нова жичарница на Пелистер и развој на зимскиот туризам“, стои во соопштението од ЛДП.
Лидерот на ЛДП и актуелен министер за локална самоуправа, во интервју за РСЕ рече дека пред новиот мандатар ќе настапат со нова платформа и доколку таа биде прифатена ќе ја продолжат соработката и со новиот мандатар и со новиот лидер на СДСМ.
Ковачевски кој беше избран на изборите во недела, денеска заедно со досегашниот лидер на партијата и актуелен премиер Зоран Заев се среќава со коалиционите партнери. Заев оставката од лидерската, но и од премиерската функција ја најави по неуспехот на локалните избори во октомври. Заев инсистира на тоа новиот лидер на СДСМ, да биде и нов мандатар.
Во соопштението од ЛДП се наведува дека укажале оти не отстапуваат од заложбите на политиката на рамен данок и укинување на парафискалните давачки кои се неданочни обврски за граѓаните.