Новиот бугарски премиер Кирил Петков денеска пред Собранието изјави дека првата наредба ќе му биде да се воведе зелен сертификат за влез во зградата на Министерскиот совет.
Работниците во рестораните и трговските центри, на пример, треба да докажат со потврда дека се вакцинирани, прележале или се негативни на ковид-19, а пратениците и министрите можат да одат на работа без да ги исполнат таквите услови.
Новиот бугарски премиер рече дека првите задачи на новата влада се справувањето со поскапувањето на струјата и пандемијата. Петков планира и брз одговор на поплавите и штетите од природните непогоди нанесени во последните денови во областите Пловдив, Благоевград и Смолен. А новата влада во наредните недели вети дека активно ќе го менуваат судството, што според нив е клучен чекор во борбата против корупцијата. Мотото на новата влада е „нулта толеранција за корупцијата“.
„Прво, ќе се справам со поплавите кои доведоа до катастрофа. Нашиот фокус е и енергетската криза, за да избегнеме од 1 јануари 2022 година цените на струјата за домаќинствата да скокнат“, рече тој.
Владата планира што поскоро да ги смени членовите на Регулаторната комисија за енергетика и води (РЕВР), чиј мандат е истечен. Петков вели дека ќе бидат назначени најдобрите професионалци и вети дека нема да се меша во работата на регулаторот.
Владејачката коалиција има намера брзо да ги затвори специјализираните судови и обвинителства, за кои велат дека се користат за политички нарачки. Ќе го сменат првиот човек на антикорупциската комисија и ќе и дадат повеќе овластувања, како и ќе ги ограничат овластувањата на главниот обвинител.
Петков рече и дека веќе постои идеја да се зголеми нивото на вакцинација против коронавирус во Бугарија. Земјата е на последно место во ЕУ во однос на степенот на вакцинација. Во земјата помалку од четвртина од населението е целосно имунизирано.
Бугарското собрание вчера го изгласа Петков за премиер и го изгласа и составот на владата.