Пред католички Божиќ (25 декември) се очекуваат резултатите од вештачењата од истрагата за автобуската несреќа во Бугарија, изјави денеска шефот на бугарската Националната истражна служба Борислав Сарафов за БНТ. Тој вели дека истрагата за несреќата на автопатот „Струма во која загинаа 45 лица е при крај. Се очекуваат само резултатите од вештачењата – судско-медицинска, техничка и пожарно-техничка.
Според Сарафов, податоците во моментот покажуваат дека брзината на автобусот најверојатно била несоодветна со условите на патот, а ноќта на инцидентот врнело дожд и патот бил влажен. тој вели дека возачот возел со над 90 км/ч. Сарафов.
вели дека нема причинско-последична врска меѓу несреќата, патната сигнализација и ознаките, но посочува дека ознаките на патиштата „очигледно не ги исполнуваат условите“.
Досега истрагата покажува дека автобусот од се уште непозната причина скршнал надесно и удрил во заштитната ограда која го дели просторот за одмор од автопатот. Од ударот се дупнал резервоарот за гориво, избувнал пожар и возилото се заглавило меѓу заштитните огради што ги делат двете ленти на автопатот.
Увидот на бугарското Министерство за регионален развој и јавни работи на местото на инцидентот покажа дека тротоарот е во одлична состојба, но ознаката е дотраена, а не е извршена и пролетната наредба за негово реновирање.
Во автобуската несреќа што се случи на 23 ноември загинаа 45 лица, македонски државјани, а седуммина беа повредени.