Швајцарски суд одобри екстрадиција во САД на руски бизнисмен

Илустрација

Швајцарскиот суд донесе одлука да дозволи екстрадиција во Соединетите Американски Држави на рускиот бизнисмен поврзан со Кремљ. Сојузниот кривичен суд во Цирих денеска го отфрли аргументот на Владислав Кљушин дека бил жртва на политичка кампања на САД за негово гонење под лажни обвиненија.

Судот исто така соопшти дека нема причина да ја доведува во прашање независноста на американскиот судски систем и дека американските власти претставиле доволно аргументи да му се суди на Кљушин.
Рускиот бизнисмен е сопственик на М13 компанија која нуди мониторинг на медиумите, како и услуги за сајбер-безбедност. Тој беше уапсен во Швајцарија во март по налог за апсење издаден од САД.

Во Соединетите Држави Кљушин е осомничен дека заработил десетици милиони долари заедно со соучесниците со хакирање на доверливи информации за американските компании. Екстрадицијата на Кљушин во Соединетите Држави беше одобрена во јуни, откако швајцарската Федерална канцеларија за правда претходно го одби руското барање за негова екстрадиција во Москва.

Соединетите Американски Држави воспоставија санкции кон Русија во април годинава поради мешање во претседателските избори во САД во 2020 година, хакирање и поддршка на проруските сепаратисти во Украина.
На интернет страницата на М13 се наведува дека нивните услуги ги користат руската претседателска администрација и владата.