Високиот претставник во Босна и Херцеговина Кристијан Шмит денеска остро ја осуди одлуката на парламентот на Република Српска да ги поддржи плановите за одвојување на ентитетот од уставниот поредок на државата, предупредувајќи дека секој во БиХ има обврска да се придржува до Дејтонски договор кој со ова е прекршен.
„Силно ги осудувам актите усвоени од Националното собрание на Република Српска на 10 декември. Усвоените заклучоци ги обврзуваат властите на РС да преземат конкретни законодавни и други дејствија што би го прекршиле Општиот рамковен договор за мир“, рече Шмит во изјавата.
Изјавата дојде откако парламентот на Република Српска со гласовите на владејачкото мнозинство, собрано околу Милорад Додик, изгласа заклучоци со кои се повлече согласноста на ентитетот за државните закони за одбрана и безбедност, даночната политика и Високиот судски и обвинителски совет.
Тогаш беа донесени и одлуки според кои владата на Република Српска во рок од шест месеци треба да подготви нацрт-закони со кои сите овие овластувања ќе се префрлат на ниво на ентитетот.
Шмит оцени дека сето тоа претставува радикална политичка активност, а со реториката што им претходеше тие претставуваат директна закана за стабилноста во Босна и Херцеговина.
“Повикувам на целосно почитување на Општиот рамковен договор за мир. Сите страни мора да дејствуваат во оваа рамка со цел да се донесат легитимни одлуки во духот на компромисот“, рече германскиот дипломат, додавајќи дека тој лично е подготвен да придонесе на одлучен и одговорен начин.
Шмит на располагање има широки овластувања дадени на високите претставници уште од 1997 година, вклучително и можноста за наметнување одлуки и закони и смена на избраните функционери во БиХ кои тој ги смета за закана за спроведувањето на Дејтонскиот договор. Откако ја презеде функцијата во август тој постојано истакнуваше дека овие овластувања засега се во фиока, но дека ќе знае како да ги искористи доколку е потребно.